По спроведена темелна истрага, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес поднесе Обвиненителен акт за едно лице за сторени три кривични дела Убиство, за кои согласно Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Илија, Билјана и Снежана Леови беа убиени во семејната куќа од нивниот зет Тони Станоев. Полицијата успеа да го фати Станоев , кој беше во бегство.
Обвинетиот тројното убиство го извршил на ден 09.11.2014 година околу 16.00 часот во семејната куќа на жртвите. Тој бил дојден во куќата со намера да разговара со сопругата, која по прекин на брачната заедница престојувала во куќата на жртвите. По пристигнувањето на обвинетиот, а во отсуство на поранешната сопруга, настанала вербална расправија помеѓу обвинетиот и мајката и сестрата на сопругата, сега починати лица. Во момент на меѓусебно туркање и влечење за облека, од јакната на обвинетиот испаднал пиштол кој тој го употребил и им нанел на двете жртви огнострелни повреди.
Потоа обвинетиот се качил на катот од куќата и на влезот од собата испукал еден куршум во таткото на неговата сопруга , нанесувајќи му огнострелна повреда.
Како резултат на здобиените повреди мајката и таткото починале веднаш, додека на сестрата и била укажана помош и била пренесена во болница во Кавадарци каде подоцна им подлегнала на повредите.
Обвинетиот по извршувањето на кривичното дело беше недостапен за органите на прогонот. Истиот е пронајден два дена подоцна.
Тони беше уапсен на градските гробишта во Кавадарци, откако во неделата со пиштол кој го поседувал со дозвола, со по еден куршум ги уби родителите и сестрата на својата поранешна сопруга Данче. Неговите жртви се Илија (61), неговата сопруга 56-годишната Билјана и нивната ќерка Снежана (33).
Кај Тони беше пронајден и пиштолот во кој имало уште два куршуми.
Во текот на истрагата се утврди дека обвинетиот повеќе пати бил пријавуван како лице кое упатувало закани кон своите блиски и блиските на неговата сопруга, како и дека е извршител на семејно насилство кон сопругата.
Имајќи ги предвид видот и тежината на сторените кривични дела и запретената казна за истите, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Велес достави и Предлог за продолжување на мерката – Притвор спрема обвинетиот.