По објавувањето на новата „бомба“ за наводното заташкување на случајот со убиството на младиот Мартин Нешкоски, револтирани граѓани преку социјалните мрежи почнаа да се договараат и да организираат протест пред Владата.
Неофицијално, протестот е закажан симболично за 18 часот, истото време кога пред четири години започнуваа собирите на граѓанската иницијатива „Стоп на полициската бруталност“, како реакција по убиството на Нешкоски.
„За убиството на Мартин Нешкоски, тоа што го знаевме, ете сега и со факти, од нивна уста – прикривале убиство, не го завеле никаде службено, ги прекршиле процедурите и законите, ја лажеа и ја манипулираа јавноста, и самите, но и со помош на нивните медиумски началници и слуги. Да бидеме сите таму, да ги потсетиме криминалците дека никогаш нема ова да им го заборавиме. Правдата, кога тогаш, ќе ги стигне“, стои во повикот на фејсбук-страницата Стоп на полициската бруталност.