Во Куманово моментно не се слушаат истрели од оружје. Три полициски транспортни возила и три камиони со приколки се стационирани на влезот на „Дивата населба“ во кој реон се одвива акцијата за расчистување на теренот по разбивањето на терористичката група.
Еден од камионите се упати во населбата, а возило на брза помош оттаму евакуираше постара жена. Поголемиот дел од населението беше повлечено вчера попладне со помош на полициските сили.
На теренот не се забележува чад како во текот на вчерашниот ден и денеска изутрина.
Граѓани информираат дека делови од оваа населба немаат струја. Општинските власти најавија формирање кризен штаб и соодветна помош.
Акцијата на полицијата започна вчера утрото. Целта на вооружената терористичка група, како што информира синоќа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, била напад на стратешките државни институции во Република Македонија.
Курир