Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, во вторник вечер на својот фејсбук профил напиша дека се што зборувале се потврдило и дека оставките на министрите за внатрешни и транспорт и врски, како и директорот на УБК, се доказ дека прислушуваните разговори што ги објавуваа се автентични.
„Сè што зборувавме се потврди, ова е доказ и за прислушувањето и за автентичноста на разговорите. Ова е доказ за содржината на разговорите кои ги потврдуваат сите незаконитости и криминали на Никола Груевски и врвот на власта. Не е време за триумфализам! Оставките на Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков не се наша крајна цел. Ова е само чекор до крајот на Никола Груевски“, напиша Заев во својот фејсбук статус.
Инаку, вечер, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесоа неотповикливи оставки до Владата, кои премиерот Никола Груевски ги прифати.
За нов министер за внатрешни работи е предложен Митко Чавков, а за транспорт и врски Владо Мисајловски. Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, додека пак Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за среда закажа седница на Собранието, на која ќе бидат гласани новите министри