Уште утре може да станете сопственик на куќа во италијанско гратче, и тоа по цена за едно еспресо во кафуле! Да биде уште подобро, во понудата има дури три локации, па можете и да одберете какво опкружување ви одговара. Но, за да добиете куќа за едно евро, мора да ветите дека целосно ќе ја реновирате!
Ова е дел од планот за да се привлечат луѓе во италијанските градчиња за да се зголеми популацијата, но и за куќите да не пропаднат целосно. Иако самата куќа доаѓа речиси бесплатно, реновирањето може да ве чини околу 25.000 евра. Имено, куќичките кои се во понуда не се замоци, туку напуштени места на романтични локации.
Меѓутоа, ако имате доволно пари, од овие куќички може да направите вистинско место од соништата и тоа за помалку пари отколку што би ви требале за да купите стан во Скопје! Еве кои места се во понудата.
Ганџи, Сицилија
Градоначаникот на Ганџи толку многу сака да привлече луѓе да дојдат во неговиот град, така што е подготвен куќите да ги продаде за едно евро – па дури и бесплатно – само ако сте подготвени тука да се преселите и да ги реновирате. Селото Ганџи, со 7.000 жители, со поглед на вулканот Етна, е сместено на рид на околу 120 километри јужно од Палермо и еден час возење до брегот.
Во понудата има околу 100 куќи, а интересно е тоа што, според легендата, токму во ова старо градче се појавил Светиот Дух. Меѓутоа, од 1900 година, околу 9.000 луѓе се отселиле во Аргентина, па поради тоа градоначалникот очајно сака да го зголеми бројот на жителите.
Карега Лигуре, Пијемонт
Населбата во областа Александрија во регионот Пијемонт е идеално за оние кои би сакале да бидат опкружени со природа, зеленило и планини. Некогаш во овие куќички живееле сточари и земјоделци, но сега се речиси целосно напуштени. Местото датира уште од 11 век.
Местото не е популарно поради мошне острите зими, но затоа е убаво поради мирот и тишината. Куќичките се заѕидани со дебели камени ѕидови и мали прозорци за да се одржи топлината. Тука се и градините, за кои агентите за недвижности ќе ви речат дека се „природни“, а всушност, зараснале.
Лече неј Марси, Абруцо
Ова е место за оние кои сакаат да ги импресионираат своите пријатели со историската позадина на местото во кое живеат. На крајот од краиштата, колку луѓе можат да се пофалат дека ја имаат куќата на поранешен бандит, и тоа среде шума? Прекрасните куќички кои сега ги продаваат за смешни пари, некогаш биле полни со земјоделци, сточари, рудари, па дури и бандити, но после катастрофалниот земјотрес во 1915 година, сите почнале да бегаат.
Градоначалникот вели дека сака да избегне целосно уништување на овој историски центар и затоа ги дава куќите за толку малку пари. Државата нема пари за да го финансира реновирањето, а сите се надеваат дека куќичките ќе ги населат млади двојки. Инаку, местото е опкружено со шума стара 600 години.