Експлозивна направа пронајдена е во автобус на бугарската „Омега група“ со 34 патници, кој патувал на релација Прага- Варна.
Директорот на компанијата Драгомир Петков, изјави дека рачно изработената бомба била со голема разурнувачка моќ била пронајдена синоќа, кога автобусот се наоѓал близу Будимпешта, објави денеска бугарски „Стандарт“.
Петков рече дека патниците имале многу среќа бидејќи бензинот од канистерот во кој била експлозивната направа се истурил и почнал да се шири мирис, поради што возачите запреле и ја пронашле бомбата.
Тој вели дека патникот, кој ја поставил бомбата патувал со купена карта од Прага до Братислава, но излегол во Брно и не се вратил. Се претпоставува дека тој е Чех или Словак.
За случајот информирани се надлежните институции во Чешка, Словачка и Унгарија и земени се отпечатоци од канистарот во кој била експлозивната направа.
Патниците од автобусот каде беше пронајдена експлозивната направа, утрово стасаа во Бугарија.