Ден на сесловенските просветители Кирил и Методиј


Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?

Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9 век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.sv kiril i metodij

Константин бил роден во 826/827 година во угледно византиско семејство од Солун. Бил седмо и најмало дете на Лав и Марија кои му овозможиле врвно образование – се школувал на највисоката школа во Цариград, во царската палата Магнаур која имала ранг на универзитет. Станал библиотекар во Цариградската патријаршија во највеличествената црква во светот во тоа време – Св. Софија, а подоцна предавал филозофија на Магнаурската школа, каде што ја добил титулата Филозоф.

Како голем ерудит, со талент за јазици и дипломатска вештина, од византискиот двор и Цариградската партијаршија бил испратен во три историски мисии. Во првата, Арапската кај Сарацените (во денешен Ирак), имал само 24 години. Во втората – кај Хазарите (денешна Русија) и во третата – кај Словените во Панонија и Моравија (денешна Чешка) учествувал заедно со својот најстар брат Методиј. Првите две мисии имале државно-верски карактер, а третата мисија била просветителска. Таму биле испратени од византискиот император Михаил Трети на барање на моравскиот кнез Ростислав. Со неа солунските браќа ги поставиле темелите на словенската култура и просвета.

Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука – глаголица со 38 букви. Со префинет осет за секој глас да создаде знак, употребил букви од грчкиот алфавит, знаци од други јазици, а и самиот измислил нови. Говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик. Со Методиј и нивните вредни ученици со новото писмо превеле црковни книги од грчки на старословенски јазик и во 863 година подготвени тргнале во нов поход, на мисија во Моравија, каде што останале 40 месеци.

Нивната макотрпна работа резултирала со преполни цркви и луѓе кои првпат слушнале богослужба на разбирлив јазик за нив. Силниот отпор на латинско-германското свештенство, разгневено поради масовниот одлив на верниците, ги одвело солунските браќа до папскиот двор. Но, таму биле примени со највисоки црковни почести – затоа што биле мисионери на моќната Византија, но и зашто со себе носеле нешто вредно.

За време на Хазарската мисија, Константин во Херсон имал археолошки подвиг. Седум и пол века по маченичката смрт на Крим, ги открил моштите на Климент Први, четвртиот папа и соработник на апостол Петар, кој поради ширењето на христијанството бил прогонет од царот Трајан и удавен во 101 година. Пронајдените мошти Константин му ги предал на папата Адријан Втори во Рим. Тој ги пречекал творците на словенската писменост со церемонија која траела три дена, како што посочил биографот на Кирил во неговото житие во „Панонските легенди“.

По Цариград, и Рим официјално го признал словенскиот јазик за рамноправен со другите. Папата бил убеден во оправданоста на Моравската мисија и во разумното тврдење дека секој народ треба на својот јазик да разговара со Бога, па лично ги зел во заштита словенските книги и ги осветил. Во Светата столица била отслужена богослужба на словенски јазик. Напредните ученици добиле свештенички чинови, а и Константин во Рим стапил во калуѓерски ред и го добил монашкото име Кирил. Таму и починал на 14 февруари 869 година, завршувајќи го животот изнемоштен и болен на 42 години. Закопан е во базиликата Св. Климент (Сан Клементе), посветена на светецот со чии мошти дошол во вечниот град.

Битката за писменоста на Словените не престанала. Неа уште 16 години ја водел братот Методиј, до својата смрт во 885 година. Моравската мисија завршила со прогонство на нивните ученици. Некои од нив исчезнале, некои биле продадени како робови, но тројца истакнати – Климент, Наум и Ангелариј, го продолжиле просветителското дело на југ.

За животот и делото на Кирил и Методиј има огромна библиографија, напишани се над 10.000 студии, прилози и статии. Има голем број фрески и икони инспирирани од нив, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име. Тие се патрони на Скопскиот универзитет. Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.

Чествувањето со различни манифестации продолжува до денеска, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата Св. Климент во Рим. Првпат е организирано во 1969 година, за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1