Во Клубот на пратеници започна уште една лидерска средба на претседателите на четирите најголеми партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Како и на претходните две, како набљудувачи се амбасадорите на САД и на Европската Унија, Џес Бејли и Аиво Орав.
Состанокот пред една недела заврши без конкретен договор. За да напредуваат преговорите, треба да се утврдат принципи за преговарање, да се обезбеди рамноправност на сите преговарачки страни и гаранции дека тоа што ќе се договори навистина ќе се почитува, беше заклучено во понеделникот.
Во меѓувреме, во Стразбур се случи и средбата на Груевски и на Заев со европратеници. Искрена дискусија и продолжување на средбите, стоеше во кусото соопштение по 10-часовните маратонски разговори меѓу делегациите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Во изјава за Словенечкото радио, европскиот известител за Македонија, Иво Вајгл изјави дека бил потпишан нон- пејпр за натамошни разговори.