Земјава плаќа 5700 долари месечно за изнајмената зграда за амбасада во Австралија. Од македонското МНР потврдија дека е започната процедура за продажба на амбасадата на поранешна Југославија во Канбера, имот кој и беше доделен на Македонија со сукцесијата, но е во почетна административна фаза. Објектот кој не се наоѓа во дипломатските зони на Канбера се продава со намера со истите средства да се купи нов објект на адекватно место, пишува Вечер
Македонија планира да ја продаде амбасадата на поранешна Југославија во Канбера, руиниран објект кој долго време го грди соседството, а и беше предаден на Македонија со сукцесијата на имотот на поранешната социјалистичка држава и со тие пари да купи имот за амбасада во една од дипломатските зони, пишуваат локалните медиуми во Австралија, според кои уривањето на трошната “куќа на духови” во Ред Хил во Канбера ќе биде профитабилна вежба за македонските власти. Од македонското МНР потврдија дека е започната процедура за продажба на имотот.
Македонија се надева дека ќе добие повеќе од 1 милион долари од продажбата на растурената зграда, средства кои ќе бидат наменети за финансирање на изградбата на новата амбасада.Само парцелата која е во сопственост на Македонија е 1300 метри квадратни. Македонските власти изнајмуваат зграда во О’Мали за својата амбасада, по цена од 5700 долари за еден месец.
– Некои дипломати живееја во автономни станови во зградата, но таа е испразнета од 2003 година. Тоа е многу голема амбасада и, исто така, зградата не е реновирана, голем дел од покривот е оштетен, греењето се базира на нафта во подрумот, па не е возможно ние да го користиме, вели македонскиот амбасадор во Канбера Веле Трпевски за еден од локалните весници.