Џејмс Коуфос, бизнисмен од Сиднеј, ќе патува до Атина за да му помогне на Гиоргос Чацифотиадис, 77-годишен човек чија фотографира како плаче пред грчка банка, стана икона на грчката криза, извести Дејли Мејл Австралија.
Откако фотографијата го завладеа интернетот, Џејмс дознал дека Гиоргос е стар пријател на неговиот покоен татко, со кој биле соученици.Гиоргос долго чекал во редица пред четири банки во Солун со цел да ја подигне својата пензија од 120 евра, но после сите неуспешни обиди безутешно се „предал“ и липајќи седнал пред банката.
– Фотографиите на Гиоргос, навистина ме трогнаа. Ова е ретка и неверојатна можност да помогнам некому кој навистина има потреба од помош. Јас живеам релативно удобен живот во Сиднеј. Некој кој работел цел живот да не може да ја земе својата пензија, единствен извор за прехрана… Тоа не е во ред – изјавил австралискиот бизнисмен.
Откако решил да му помогне на човекот, Џејмс го побарал преку социјалните мрежи, па во меѓувреме нашол многу истомисленици кои се готови да помогнат.
– Сите сме луѓе. Кога ја видов ситуацијата, знаев дека морам да се обидам да помогнам – изјавил Џејмс чија помош доаѓа откако Грција ги одби условите од кредиторите и ја стави во уште поголема неизвесност иднината на оваа држава.