Четириесет и петгодишната Катја Павлова, Британка со бугарско потекло, останала мртва на лице место кога била затрупана со карпести камења. Во моментот на страшната несреќа, таа се обидела да се слика пред Крушунските водопади на северот од Бугарија.
Покрај Катја, страдал и нејзиниот 56-годишен пријател од Англија.
Камењата погодиле уште една жена, но таа успеала да се извлече од лавината. На спасителите им требале 48 часа да ги извлечат смачканите тела.
Виктор Џонев, сопственик на гостилницата во близина на водопадите, рекол дека не знае што ја предизвикало лавината, но дека пред неколку години се случил сличен инцидент.
– Времето беше идеално. Сонцето блескаше и не врнеше дожд. Не разбирам што тргна наопаку – рекол Џонев.
Според зборовите на соседите на Катја од Лондон, нејзиниот сопруг и децата отпатувале во Бугарија штом слушнале што се случило. Катја зад себе оставила две малолетни деца.
Крушунските водопади се најголемите водопади во Бугарија. Се наоѓаат во зафрлена локација, а посетителите мора да поминат низ клисура за да им пријдат.