Народниот правобранител реагира за попречување на истрагата за приведените во протестите


Народниот правобранител со жалење констатира попречување на работата од страна на службено лице во Полициска станица (ПС) Центар каде по синоќешните протести има и најмногу приведени лица. Имено, во обид да ја докомплетира документацијата со цел спроведување на темелна истрага за состојбата со приведените лица, денес на претставник на Народниот правобранител не му беа дадени бараните документи.naroden-pravobranitel-tabla-50295

Народниот правобранител е зачуден од ваквата постапка со оглед на фактот што вчера веднаш по објавување на информациите за приведени лица, тим на Народниот правобранител изврши посета на оваа полициска станица, поради што ги повикува надлежните органи и службени лица да ги почитуваат законите и да не го попречуваат во вршењето на работата.

При посетата на ПС Центар констатирано е дека во оваа полициска станица беа приведени 10 лица, а 2 лица беа приведени во ПС Кисела Вода. Тимот на Народниот правобранител разговараше со приведените лица кои изјавија дека биле учесници во протестите, но дека немале никакви дејствија за нарушување на јавниот ред и мир, а биле совладани од припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), при што им биле врзани рацете. Кај двајца од приведените визуелно констатирани се повреди, едниот бил со расеченица на брадата, поради што била потребна и лекарска интервенција, а за другиот случај по интервенција на Народниот правобранител била повикана итна медицинска помош.

Народниот правобранител во оваа пригода потенцира дека неговиот тим ја следеше целата постапка на приведените лица во Полициската станица Центар – прием, нивен распит, земање изјави, при што констатира дека во овој дел се почитувани процедурите.

Согласно Законот за народниот правобранител, Народниот правобранител по службена должност отвори постапка за утврдување на начинот на употреба на средствата за присилба, поточно дали се почитувани човековите слободи и права согласно законската процедура, а денес ќе ги посети и повредените од синоќешните протести.

Посебно загрижува податокот дека во синоќешните протести и новинарите беа попречени во вршењето на нивната работа, како и дека спрема нив била употребена полициска сила. Со ваквата постапка се постапува спротивно на меѓународните стандарди за почитување на правото на слобода на информирање, што може да се протолкува и како еден вид на притисок врз медиумите, што е недозволиво.

Со оглед на најавите за продолжување на протестите и во наредните денови, Народниот правобранител и понатаму ќе ги следи протестите. Во оваа пригода ги повикува граѓаните мирно да го изразат своето незадоволство, а ги предупредува припадниците на полициските единици со крајна внимателност и висок степен на професионалност да постапат при употребата на средствата за присилба.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1