Под поимот „Оружје“, се смета секој предмет или орудие, направени со цел под притисок на гасови, кои настануваат при согорување на експлозивни материи, гасови под притисок или друга потенцијална енергија, да исфрлаат проектил во облик на единечно зрно, сноп од сачми, гас, течност, стрели или друга состојка, што предизвикува повреди опасни за здравјето и животот на луѓето, како и секој друг предмет чија основна намена е вршење напад врз физичкиот интегритет на луѓето.
Оружје согласно Законот за оружјето се смета:
1) огнено оружје;
2) колекционерско оружје;
3) оружје за самозаштита;
4) пневматско оружје;
5) гасно оружје;
6) експлозивно оружје;
7) оружје со тетива;
8) ладно оружје;
9) оружје за светлосно-звучна сигнализација и
10) електрични парализатори.
Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи и тоа за секое поединечно набавување на оружје.
Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради
-заштита на нивната личност и имот,
– за лов и спортско стрелаштво.
Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.
Одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови:
1) има наполнето 18 години живот;
2) не му е одземена или ограничена деловната способност;
3) здравствено е способно да поседува и носи оружје;
4) не претставува опасност за јавниот ред;
5) има оправдана причина за набавување на оружје;
6) располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје кое се проверува со полагање на стручен испит и
7) има живеалиште на територијата на Република Македонија со важечка лична карта, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Македонија, со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.
Се смета дека физичкото лице има оправдана причина за набавување на оружје, ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување на оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот.
За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје.
Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.
Обврски на корисникот на оружјето
– Сопственикот или корисникот на оружје е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица.
-Забранета е продажба на оружје и муниција на лице кое нема одобрение за набавување, односно одобрение за набавување на колекционерско оружје, како и давање оружје на употреба на лице кое нема дозвола за оружје или
дозвола за колекционерско оружје или дозвола за носење на тоа оружје.
– Не е дозволено носење на оружје, како и имитација на оружје кое видно не се разликува од оружје, на начин на кој ќе ги вознемирува граѓаните или на начин на кој оружјето ќе биде јасно видливо.
– Сопственикот или корисникот на оружје кога има право да го носи е должен оружјето да го носи на начин што нема да ја загрозува личната сигурност и сигурноста на другите.
– Сопственикот или корисникот на оружјето е должен пренесувањето на оружјето да го врши на начин што оружјето, ако технички е можно, мора да биде расклопено, односно цевката да биде одвоена од механизмот за затворање, а ако не е можно муницијата да биде одвоена од оружјето.
– Забрането е носење и употреба на оружје од страна на сопственикот или корисникот на оружјето, кој со употреба на алкохол, дроги или друг начин ќе се доведе во состојба во која не може да го сфати значењето на своето дело или
да управува со своите постапки.
– Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот.
– Лицето кое со себе носи оружје е должно да ја носи дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето
Дозволата за оружје Дозволата за колекционерско оружје и дозволата за носење на оружје ќе се поништи во случај кога:
1) ќе истекне важноста на дозволата, а истата не е продолжена;
2) донесено е конечно решение за одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје;
3) одобрението за постојан престој на странец на територијата на Република Македонија престанало согласно со прописите за движење и престој на странците и
4) ќе настапи смрт на имателот на дозволата и
5) оружјето е украдено, односно исчезнато или продадено.
Sitel.mk