Градоначалници и функционери деновиве се во Загреб, каде што е во тек Европското ракометно првнество на кое учестува и македонската машка репрезентација. На социјланите мрежи тие се пофалија со фотографии, а граѓаните преку коментари негодуваа како сите во исто време се во Хрватска, но исто така прашуваа и со чии пари се платени овие патувања, пишува порталот „Макфакс“.
Меѓу првите што пристигнаа во Загреб беше и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
– Покрај обврските за кандидатурата, Шилегов за време на престојот остварува средби и со загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ и со другите присутни градоначалници. Трошоците за патувањето на градоначалникот и членот на неговиот Кабинет се покриени од Македонската ракометна федерација, а за еден член на делегацијата патните трошоци и трошоците за сместување во хотел со три ѕвезди се покриени од Град Скопје – велат од Кабинетот на Шилегов.
За разлика од него, не е познато во чија режија градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, отпатувал за Хрватска. Прашањата што се однесуваат на тоа со чии пари се платени ова патување и престојот, од Општината не одговорија. Според информациите на „Макфакс“, Наумовски во Загреб отпатувал со своето семејство и неколку пријатели. Наумовски денес не беше на своето работно место, а на социјалните мрежи објави фотографија со својот колега, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
– Билетите за натпреварот се платени од лични средства на градоначалникот Борис Георгиевски, без Општината да има некакви трошоци. Превозот е извршен со приватно возило за кое повторно Општината нема никаков трошок – велат од Општина Гази Баба.
Нема одговор ниту за тоа кој го платил патувањето на заминик-министерот за здравство, Гоце Чакаровски, кој исто така деновиве беше на трибините во Загреб.
„Д-р Чакаровски во Хрватска е со семејството и блиски пријатели. Поводот е одмор“, информираа од Министерството за здравство, без да одговорат од каде се исплатени средствата.
Трошоците за патувањето и престојот не се познати ниту кога во прашање е новиот директор на општата болница во Прилеп, Илија Јованоски. Од болницата молчат за тоа дали се одлеани пари од службениот буџет за патувањето на директорот.