Нова препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија од Европската комисија, со укажување на ЕК до Советот на Унијата да го овозможи ова без понатамошно одлагање, од што корист ќе има целиот регион.
Ова е клучниот заклучок во најновиот извештај на Комисијата за Република Македонија, што официјално комесарот за проширување Штефан Филе ќе го претстави во среда, чија драфт-верзија успеа да ја добие дописникот на МИА од Брисел.
Драфт-документот е конечен и не се очекува да се промени при усвојувањето на Колеџот на комесари во среда, а според заклучоците тој е убедливо најпозитивен досега за Македонија. Во поединечниот прогрес-извештај, кој ќе биде меѓу 50 и 70 страници, за Македонија се очекува еднаш-двапати да се спомене и придавката „македонски“ во однос на јазикот и народот, со цел да се задоволат барањата на македонските највисоки политички претставници.
– Поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус во 2005 година. Во 2009 година, Комисијата оцени дека земјата доволно ги исполнила политичките критериуми и препорача отворање на преговори за членство. Оваа препорака беше повторена од страна на ЕК и во 2010 и 2011 година, како и сега во 2012 година, се вели во драфт-верзија на Стратегијата за проширување.
Комисијата потенцира дека „силно верува дека напредувањето на процесот на пристапување на Република Македонија во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливост на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи“. Притоа, ЕК потенцира дека во врска со Македонија и нејзиното пристапување во ЕУ „Регионот како целина ќе има корист”.
Понатаму, Комисијата наведува дека: „Земјата продолжува да ги исполнува своите обврски во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација (САА). Комисијата ја одржува својата препорака да се премине во втора фаза од асоцијацијата и го охрабрува Советот на ЕУ да постапи по ова без понатамошно одложување, во согласност со релевантните одредби на Договорот за стабилизација и асоцијација“. Тоа го потврдува фактот дека ЕК бара од Грција да не ја попречува Македонија на декемврискиот Совет на Унијата и да дозволи да добиеме датум за почеток на преговори.
– Земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Владата ја постави ЕУ-агендата во центарот на своите активности. Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Комисијата служи како катализатор за забрзување на реформите и придонесе за значителен напредок во голем број клучни политички области. Владата поднесе предлог до Собранието за подобрување на законската рамка за избори и во областа на слободата на изразување за декриминализација на клеветата. Првиот преглед на Владата на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор обезбеди употреблива алатка за зацврстување на меѓуетничкиот дијалог, се посочува во извештајот на ЕК.
Комисијата предлага и дека „Моментумот на реформите мора да се одржи во сите области од политичките критериуми, особено да се обезбеди нивно спроведување“. Според ЕК, ова е особено важно во владеењето на правото, вклучително во однос на слободата на изразување, каде според Комисијата мора да се засилат напорите.
– Дијалогот на тркалезна маса меѓу Владата и Здружението на новинари треба да продолжи да биде корисен форум за решавање на клучните предизвици во врска со медиумите. Тензиите меѓу заедниците по насилните инциденти во првата половина на 2012 година предизвика загриженост. Владата одговори зрело на овој предизвик и треба да се работи на понатамошно зајакнување на меѓуетничките односи и помирувањето, посебно во светло на дебатата во врска со статусот на жртвите од конфликтот во 2001 година, потенцира Европската комисија.
Во клучниот извештај на Комисијата за Македонија, наметнатиот спор за името со Грција е во фокусот и притоа, во својата Стратегија за проширување поврзана со нашата земја, ЕК препорачува: – Додека влегуваме во 20-годишнината од приемот на поранешната југословенска Република Македонија во Обединетите нации (ООН), спорот за нејзиното име со Грција останува нерешен. Дијалогот под покровителство на ООН се одвива уште од 1990-та и од 2009 година е надополнет со билатерални контакти, вклучително и на премиерско ниво. Како и да е, овие процеси досега не донесоа некаков резултат, се вели во извештајот.
Што е многу важно за Македонија, ЕК ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
– Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ООН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат, препорачува Комисијата на крајот.
Во врска со финансиската поддршка и асистенцијата на земјите што се во процесот за проширување, Комисијата продолжува со Инстурментот за предпристапна помош (ИПА), при што за периодот од 2007 до 2013 година, вкупната сума за достапна помош изнесува 11,6 милијарди евра. Во рамки на следната Повеќегодишна финансиска рамка 2014-2020, Комисијата предлага алокација на 14,1 милијарди евра за новиот ИПА 2 инструмент. Овие пари ќе им служат на земјите-кандидати за поддршка на буџетите, за реформи на јавната администрација, борба против корупцијата, поддршка на економскиот и социјален развој, регионална и територијална соработка. Пренесува МИА