Втор ден поминува без никаква реакција од Јавниот обвинител за отвореното признание на Зоран Заев дека поттикнува и нуди поткуп за купување на гласачко право, обвинува опозицијата. Од ВМРО ДПМНЕ побараа надлежните институции да покренат постапка против премиерот бидејќи, според нив, говорот на Заев е потврда на кривично дело кое во правниот систем на Македонија е опфатено во најмалку четири закони.
Во видеото Заев вели дека одредени инвеститори и сопственици на фирми ветиле награди на работниците, доколку излезат и гласаат на референдумот, а охрабрување за таквиот пристап упатува и самиот премиер:
Овде има и мотив и признание за криминално дело, велат од опозицијата.
Премиерот Заев, е одлучен и посветен на градењето социјална држава и фер и еднакво општество за сите, а грижата за стандардот на работниците останува врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, реагираат од владејачката партија. Велат дека поддршката од државата за домашните претпријатија претставува значаен поттик за менаџерите и сосптвениците на компаниите, континуирано да ги покачуваат платите на работниците.
Претставки до јавниот обвинител, Државната изборна комисија, Државната Комисија за Спречување на Корупцијата, Транспаренси Интернешнл и Мисијата на ОБСЕ во врска со овој случај поднесе и партијата Глас за Македонија. Оттаму ги повикаа наведените институции да делуваат независно во врска со овој, како што го нарекуваат, мега скандал.