Француските власти шести дена трагаат по брачна двојка од Македонија, осомничена за киднапирање на сопственото бебе.
Докторите во угледната болница Мерси во францускиот град Мец останале вџашени кога виделе дека постелата на 13-месечно бебе од Македонија, каде се лекувало цели два месеца е празна. Веднаш е алармирана полицијата, која случајот го води како киднапирање. Настанот се случил пред шест дена некаде околу полноќ. Мистеријата брзо ја разрешуваат безбедносните камери. Според француските медиуми, тие ги лоцираат мајката и таткото на бебето како бегаат по ходниците со девојчето во раце и влегуваат во автомобил. Покрената е потера, но трагата на возилото му се губи на границата со Германија, каде најверојатно побегнало семејството.
Француските медиуми пренесуваат дека детето било донесено на лекување заради сериозни респираторни деформитети. Веста за Канал 5 ја потврдија и од болницата во Мец.
,,Наводното киднапирање, се случило? Не знаеме што е со детето, всушност не знаеме каде е. Дали родителите се киднаперите? Очигледно да, да.
Бебето во Мец се лекувало од средината на јули. Тамошните медиуми пренесуваат дека на девојчето се уште му е потребна постојана грижа и оти прекин на лекувањето би имал сериозни последици врз нејзиното здравје. Истрагата ја води јавното обвинителство во Мец, а јавниот обвинител порача дека од здравствен аспект, локацијата на детето за нив е приоритет.
,,Трагата им се губи околу 7 часот наутро, на границата со Германија. На телефонот кој го користеа му се губи трагата потоа. Истрагата продолжува, се разбира. Мора да дознаеме каде се. Дали се во Германија? Во Македонија? на друго место? Тоа е важно за детето, бидејќи може да биде во голема неволја. Тоа е приоритет! Детето не може да се третира во Македонија за неговите деформитети, затоа мораме да се дознаеме каде се наоѓа и соодветно да го згрижиме.
Медиумите пишуваат и дека француските власти воспоставиле и меѓународна соработка, а предупредени биле белгиските, германските и македонските власти. Сепак, од МНР велат дека не добиле никакво официјално известување од француска страна, а не сакаат да коментираат натписи во француски медиуми
izbor – KAnal5