Досега 12 лица обвинети од предметот „27 април“ имаат добиено решение за амнестија согласно Законот за амнестија.
-Пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, вработените во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Елена Божиновска и Иван Цветановски, обвинетиот Захарије Симовски, браќата Стефан и Михаил Младеновски, Митре Питроповски, Илија Славевски, Јохан Тарчуловски се оние кои добија милост од државата, изјави за 24 анализа претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се доставени вкупно 66 барања за амнестија, согласно Законот за амнестија, од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Од нив во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пристигнале 29 барања, а до овој момент е дадено позитивно мислење за 12. Во Основното јавно обвинителство Скопје, пак, пристигнати се 37 барања за амнестија. По нивното разгледување, ќе биде доставено соодветно мислење до судот, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Обвинителството не е врзано со рок за произнесување по барањата.