Задолжителна кастрација на домашните миленици-кучиња и зголемување на глобите за физички и правни лица се предвидува со предлогот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, предложен од група пратеници.
Во образложението на законските измени стои дека ваква мерка се предлага за да се спречи неконтролирано и неограничено зголемување на бројот на улични кучиња, кои во најголем дел потекнуваат од размножување на домашните миленици.
Со измените на Законот за заштита и благосостојба на животните се предлага глоба од 100 евра за сопствениците на кучиња кои нема да ги кастрираат и ојаловат своите миленици.
Се предлага и зголемување на глобите за правни лица од 100 на 700 евра, како и зголемување на глобите за физичките лица од 10 до 15 евра на 100 евра, доколку ги прекршат одредбите од член 27 од Законот, односно ако не го пријават своето куче еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, потоа ако не истакнат табла која укажува на присуство на куче, ако на јавни места не ги држат на поводник, потоа ако не го пријават леглото во ветеринарна амбуланта, ако не ги пријават лицата кои ги вдомиле. Одгледувачниците на кучиња пак ќе платат ваква глоба ако не ја чуваат евиденцијата за домашните миленици четири години на увид на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните во прво читање е на денешната седница на Собранието.
Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на милениците што го предлага Агенцијата за храна и ветеринарство се забранува неконтролирано размножување и продажба на миленици, се забранува продажба на мачки и кучиња во продавниците за миленичиња, како и продажба на овие животни на малолетни лица