Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ пред Собранието каде што денеска во 16 часот се очекува да продолжи финалната фаза од уставните измени според договорот со Грција, повика на мирни протести против, како што рече, насилно менување на уставното име на државата.
– Северна Македонија е на Заев и на неговите соработници, а Република Македонија е мојата татковина и на граѓаните, онаа за која се гласаше во 1991 година – истакна Мицкоски кој повтори уште еднаш дека ВМРО – ДПМНЕ нема да учествува на собраниската седница и нема да даде легитимитет на како што рече, „насилното менување на Уставот, преку пазарење, уцени со драконски казни“.
Мицкоски додаде дека, партијата е цврсто убедена дека уставните измени задираат и во идентитетот.
– Денес е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство. До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ нема да учествува во тој процес, и на денешната седница, нема да дадеме како политичка партија легитимитет за промената на Уставот затоа што таквите измени немаат легитимитет од граѓаните. Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот – рече Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО – ДПМНЕ станува збор за процес на промена на Уставот, преку промена на уставното име, до кој што се доаѓа преку „пазарења, драконски уцени, и за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем“.
– Кацарска Судството, Русковска обвинителството и СЈО се механизмите на власта за пресметка и уценување. На референдум Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат. Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани. Значи кај дел од пратениците имаме гласање под уцена, а не гласање по убедување и волја. И сега знам дека ќе има такви кои ќе го негираат сето тоа, но сите тука и вие медиумите, и потесната и пошироката јавност добро знаат за задкулисните игри, пазарења, уцени, притисоци и закани кои се одвиваа јавно. И што значеше процесот на селективно помирување на Зоран Заев, и селективните промени на Кривичниот Законик, и притворите и сето останато. На тоа сме сведоци веќе една година, а финалето започнува со денешната седница – додаде лидерот на опозициската партија.