На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата.
Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Во Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2012 година, за остварувања во областа на науката, културата и уметноста, здравството, и спортот и хуманоста.
Во областа на науката високото признaние годинава го добиваат академик Владо Камбовски и професорот Димитар Мирчев, а во областа на културата и уметноста писателот Веле Смилевски и оперскиот уметник Борис Трајанов. Наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на здравството, спортот и хуманоста ќе му биде доделена на кардиологот Самуел Садикарио.
По повод празникот, владини делегации денеска ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.