Потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во Службен весник од страна на господинот Талат Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата.
Секое објавување во „Службен весник“ на законот за двојазичност без претходен потпис од страна на Претседателот на државата, не е ни легално ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици. Незаконското објавување на законите е злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година или две за да може сторителот да биде амнестиран од Кацарска судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети за Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд.
Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо.
ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош.
Почитувани,
Власта нема легитимитет за промената на името и спроведување на законот за двојазичност. Граѓаните не го дадоа својот глас за Зоран Заев да се пазари со државата и националните интереси.
Со секој поминат ден со СДСМ на власт штетите по Македонија се огромни.
Зоран Заев наместо да се охрабри и да го распушти собранието со цел организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, избега на луксузно зимување во германскиот ски центар Гармиш Партен Кирхен.
Заев бега затоа што знае дека се што направи е против волјата на граѓаните. Промената на името не е по волја на македонскиот народ, туку е поради изнудениот глас на 81 пратеник. Заев бега од избори затоа што сака да ја пустоши државата уште две години.
Македонија не е и не смее да биде сламка за спас на пропадната политичка кариера на Зоран Заев.
СДСМ знае дека во услови на техничка влада со минимални гаранции за фер избори, тие ќе изгубат. Затоа бегаат и не сакаат избори.
Господине Заев провидни сте!
Господине Заев и господа од СДСМ покажете храброст и државотворност барем еднаш во животот и распуштете го собранието за организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Изборите се единствен начин Македонија да тргне напред. СДСМ мора да си замине за доброто на државата и нејзината иднина.
ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и ќе ги поврати сите штетни процеси кои ги има направено оваа власт.
Новинарско прашање: Дали кога го пишувавте вашиот говор имавте во предвид како ќе се чувствуваат вашите сограѓани Албанци кога ќе го слушнат ова од вас? Имате ли нешто друго да понудите на македонскиот обичен гласач, освен националистичка реторика, затоа што откако ги изгубивте изборивте, малку застанавте, па повторни играте на таа карта?
Одговор: Апсолутно не играме на картата на национализмот. Законот е штетен и законот е на сила донесен и истиот е противуставен. Во постапката кога се носеше јас лично овде сум држел неколку прес конференции сум ја повикувал власта да седнеме и да изработиме добар текст на законот, притоа да се прифатат забелешките од претседателот на оваа држава Република Македонија и господинот Ѓорѓе Иванов. Власта не игнорираше, на насилнички начин го донесен законот и сега повторно со кршење на Уставот и законите се обидуваат да спроведат така наречен закон. Почитувањето и почита кон сите кои живеат во оваа држава е двонасочен процес. Почита треба да ја добиете за да може истата да ја возвратите. Со криминални дејанија, одење спротивно на волјата на народот и на ваков насилнички и криминален начин обидувајќи се да се протнат сите овие не законски и не уставни решенија се далеку од почит и почитување на волјата на македонскиот народ и сите останати кои што живеат во оваа држава.
Новинарско прашање: Според вашата партија кој ќе бидат клучните проблеми во примена и спроведување на овој закон?
Одговор: За да зборуваме за примена на овој закон, прво овој закон треба да биде во согласност со Уставот и законите. Овој закон прво е во контрадикторност со највисокиот акт – Уставот е во колизија со други закони, опозицијата воопшто не учествуваше, претседателот на државата беше максимално игнориран. Не можеме за проблеми за имплементација да зборуваме кога самото решение како и начинот на кој сега го објавија во Службен весник е незаконски и криминален. Прво треба некој да одговара за тоа што се прави, второ треба да седне и да се направи добар текст на законот, а после тоа можеме да разговараме каква би била имплементацијата на истиот.
Новинарско прашање: Дали ќе одите со бојкот на претседателските избори ако не се прифаќа со нив да се одржат и предвремени парламентарни избори?
Одговор: Претпоставувам дека реферирате на вчера нешто што беше објавено за кое што можам да кажам дека беше грубо злоупотребено за дневно политички цели. Во моментов ги разгледуваме буквално сите опции кои што ќе ги објавиме и нормално ќе пресечеме кога ќе имаме одговор на власта во однос на нивното понатамошно делување.
Новинарско прашање: Дали бојкотот е опција?
Одговор: Како што кажав сите идни чекори ќе зависат од делувањето на СДСМ и ДУИ пред се, односно од страна на владејачката гарнитура.
Новинарско прашање: Дали ВМРО-ДПМНЕ веќе има конкретно име за претседател на државата?
Одговор: Како што знаете конкурсот е објавен пред десетина дена, и истиот трае до 31 јануари. По завршување на огласот ќе следи проверка на кандидатурите, односно дали истите ги исполнуваат законски предвидените услови за да се биде кандидат за претседател на Република Македонија. По што на 16 февруари ќе ја одржиме конвенцијата каде што ќе се изврши изборот за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори 2019 година. Така да во овој момент било кое споменување на било кое име е врз база на шпекулација.
Новинарско прашање: Повикавте во вашиот говор ако не се лажам институциите да не го спроведуваат овој Закон за јазици, што значи ако утре дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе направи се а да го укине овој јазик?
Одговор: ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во наша моќ да ги врати овие штетни процеси онаму каде што треба да припаѓаат.
Новинарско прашање: Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ дали Албанците заслужуваат да го употребуваат својот мајчин јазик во оваа држава?
Одговор: Да, апсолутно заслужуваат да го употребуваат мајчиниот јазик, исто како и сите останати Бошњаци, Срби, Роми, сите оние кои што живеат на територијата на Република Македонија. Каде што еден закон ќе се донесе со консензус, помеѓу сите политички субјекти и пред се и над се закон кој што ќе биде во согласност со Уставот и кој нема да биде во колизија, со останатите закони и при тоа ќе се испочитува целата законски пропишана постапка која што е потребна за донесување на еден таков закон.
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ