Врховен донесе одлука контра СЈО


Врховните судии на денешната општа седница донеле начелно правно мислење во кое наведуваат дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.

„СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за СЈО, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, е мислењето на Врховните судии.

Тоа, според закон е обврзувачко само за врховните судии, но од највисокиот суд очекуваат дека истото ќе го почитуваат и пониските судови односно Кривичниот и Апелацискиот.

Иницијативата до највисокиот ја поднесоа адвокатите Боро Тасевски и Еленко Миланов кои му беа бранители на Никола Груевски, а застапуваат и дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Со ваквото мислење Врховниот суд ги става под знак прашалник низа истраги кои СЈО ги покрена по тој рок од 18 месеци. Покрај истрагите, тука е и обвинението за предметот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој судењето треба да стартува на 18 февруари.

Истрагите, пак, ги има десетина меѓу кои се: „Империја“ во која меѓу осомничените се Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и други; „Попис“ и „Лидери“ против Никола Груевски и Али Ахмети; „Пациент“ каде меѓу осомничените е Бујар Османи како поранешен министер за здравство; „Моќник“ против Антонио Милошоски; „Хармонија“ во која опфатени се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски; „Друмарина“ против Силвана Бонева; „Рентген“ каде осомничен е Никола Тодоров и др.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1