Освен што може да биде избркана од АРМ поради нарушување на угледот на Армијата, војникот Татјана Лазаровска можно е и кривично да биде гонета за говор на омраза откако од нејзиниот Фејсбук побара Нобелова награда на напаѓачот од Нов Зеланд, кој во терористички напад уби 50. лица.
Според информации од МВР, за Лазаровска се постапува за делото говор на омраза, но се проверуваат и наводите дека нејзиниот Фејсбук профил бил хакиран, но доколку се утврди дека профилот на Лазаровска не бил хакиран и дека нејзина е пораката таа може биде кривично гонета. Делото за кое најчесто се товарат осомничени во вакви случаи е „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Предвидена затворска казна од една до пет години.
Од АРМ вчера за Плусинфо изјавија дека против Лазаровска ќе биде поведена дисциплинска постапка и ќе биде предложена најстрога казна, односно да ѝ прекине ангажманот во Армијата на Република Македонија. Лазаровска пред Комисијата ќе одговара за дисциплински престап, како потешка повреда на воената дисциплина, односно потешка повреда на угледот на службата или угледот на воениот и цивилниот персонал.