Ден на Републиката – одбележување на двата историски Илиндена


Слоганот „Сите сме деца на Илинден“ за годинашното чествување е избран со цел да го одрази концептот на заедничките вредности кои, како што посочува Владата – сите ги славиме, празнуваме, кои нè обединуваат и поврзуваат, нè прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Програмата за одбележување на Илинден е усвоена на седница на Владата на предлог на Организацискиот одбор.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1