Евидентирани седум нарушувања на јавниот ред и мир во врска со фудбалскиот натпревар Македонија –Србија
Непосредно пред почеток на натпреварот, односно пред да започне изведувањето на химните на Македонија и Србија, едно лице од навивачката група на гостинската екипа се обидело да истакне грчко знаме, при што веднаш е приведено од страна на Единицата за брзо распоредување и однесено во Полициската станица во Кисела Вода каде е утврден неговиот идентитет.
Станува збор за В.Д. (24) од Цетиње, Република Црна Гора, против кого е поднесена соодветна прекршочна пријава од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.
Во 13:30 часот вчера кај трговскиот центар Мавровка две повредени лица, М.М. (29) и Ѓ.С. (17) двајцата од Подгорица, Црна Гора.
Повредените изјавиле дека во Република Македонија биле дојдени како туристи и немале намера да одат на фудбалскиот натпревар, но без посебен повод и причина биле нападнати од страна на десетина непознати лица. Притоа, биле удирани со клоци и тупаници и со тврди предмети по лицето и телото, како последица на што М.М. задобил тешки телесни повреди и е задржан во болница а С.Ѓ. е пуштен после укажана медицинска помош.
Во 14:10 часот во Полициската станица во Центар од страна на непознато женско лице бил пријавен настан случен на платото пред стоковната куќа „Мост“ каде од страна на околу петнаесеттина непознати лица нападнати биле три лица, државјани на Србија, кои се здобиле со повреди во пределот на главата и телото. Станува збор за три лица од Белград, М.М. (19) кај кого од страна на лекар е константирана, тешка телесна повреда и истиот е хоспитализиран во Ургентниот Центар, а кај другите двајца Л.С. (20) и М.С. (32) се константирани телесни повреди и истите се пуштени на домашно лекување. Екипа од крим техника извршила фотографирање на местото на настанот како и на повредените лица.
Околу 16:00 часот, пак, на булеварот „Крсте Мисирков“ во правец кон Стоковната куќа „26-ти Јули“ од страна на неколку непознати машки лица на возраст од 20-30 години биле нападнати лицата Д.Р. (27) и О.С.(25) двајцата од Велес при што им биле нанесени видливи повреди по лицето и телото.
Во 18:00 часот на влезот од ТЦ Мавровка кон Старата чаршија две возила со српски национални ознаки во кои имало седум лица кои тргнале да се прошетаат и да купат патики, биле престретнати и нападнати од страна на десетина непознати лица. Притоа, две лица се задобиле со телесни повреди, рече портпаролот на МВР. Станува збор за лица од Лесковац, М.С. (32) кој го управувал возило „Сеат Кордоба“ и Б.М. (32) кој бил во возилото „Опел Корса“. Притоа, оштетени биле и двете возила (скршени стакла). Лицата се пренесени во ГОБ каде по укажаната медицинска помош се пуштени.
Околу 20 часот лицето А.К. (33) од Скопје пријавил дека околу 19,45 часот на Камениот мост – Скопје, бил малтретиран од страна на неколку непознати лица на тој начин што истите му пришле и побарале од вратот да го извади шалот со бои на знамето на Република Македонија, по што од едно од лицата бил нападнат со нож, а две други се обиделе и физички да го нападнат. Но А.К. успеал да го одбегне нападот и да замине од местото на настанот.
По завршување на фудбалскиот натпревар во текот на заминувањето на домашни навивачи од Скопје и од внатрешноста на Макеоднија кон автобусите и возилата со кои биле дојдени, а во правец од плоштадот кон саемот, односно во правец од стоковната куќа „Мост“ кон улицата што води кон Бит Пазар, истите биле нападнати од страна на навивачката група „Шверцери“ со фрлање на разни тврди предмети, шишиња, камења и друго.
При тоа во обид да се спречи понатамошно нарушување на ЈРМ при брзата полициска интервенција повредени се четворица полициски службеници а притоа се оштетени и две полициски возила. Освен тоа, како резултат на хулиганското однесување на навивачката група “Шверцери“ искршени се и оштетени се повеќе дуќани и кафулиња лоцирани во делот од стоковната куќа Мост кон Бит Пазар, рече Котевски. Од страна на полицијата фатен е еден од учесниците и приведен за натамошна постапка. Станува збор за лицето Њ.Д. (19) од Скопје.