10 години од поплавите во Скопје во кои загинаа 22 лица


Скопје се сеќава! Десет години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвикаа пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

Со читање на имињата на 22-те жртви, синоќа во Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто беше одбележана десетгодишнината од катастрофалните поплави што во 2016 година ја погодија Општина Гази Баба. На комеморативниот настан беше оддадена почит на загинатите и испратена порака дека нивниот спомен никогаш нема да биде заборавен. Градоначалникот Бобан Стефковски истакна дека и по една деценија болката на семејствата останува, а трагедијата е траен потсетник на последиците од природните непогоди. Тој нагласи дека комеморацијата не е само сеќавање на жртвите, туку и чин на достоинство, почит и благодарност кон сите кои помогнаа во најтешките моменти.

На настанот беа доделени плакети за благодарност на Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Амбасадата на Република Бугарија и Амбасадата на Република Туркије во Македонија. Признанија добија и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, како и Тони Бојковски, координатор на Општина Гази Баба со институциите за справување со последиците од поплавите.

Според Стефковски, во деновите по катастрофата не постоеле поделби, туку единствена цел – спасување човечки животи и помош за погодените семејства. Тој истакна дека солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото покажани тогаш остануваат пример за човечност. Градоначалникот порача дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени и дека нивната трагедија треба да биде трајна опомена.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1