Безбедносните служби на „ТАВ Македонија“ вчера открија тројца аеродромски службеници за кои се сомневаат дека украле вредни работи од багажот на патниците. По откривањето на случајот, службите ја известиле полицијата и заедно со неа работат на негово расчистување.
Како што соопштуваат од ТАВ Македонија, станува збор за службеници кои работеле на пренос на багажот на патниците на лет на авиокоманијата „Ер Берлин“.
За казната на вработените на „ТАВ Македонија“ вклучени во вакви инциденти одлучува дисциплинска комисија и се преземаат мерки кои се во согласност со трудовото право во Република Македонија и со дисциплинските регулативи на ТАВ. За кривичниот аспект, активностите ги презема полицијата и соодветните органи на Република Македонија.
Во соопштението се наведува дека Аеродромот е под постојано, 24-часовно надгледување секој ден. Покрај патниците, при влезот и излезот од контролните точки, проверката се врши и врз вработените на аеродромот, како и на полициските службеници.
Покрај овие мерки, повремено и по случаен избор, се вршат и физички проверувања на вработените, кои го товарат и растовараат багажот од авионите.
„ТАВ Македонија“ ги спроведува безбедносните стандарди на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и Еропската конференција за цивилно воздухопловство, како и националните безбедносни стандарди на Република Македонија. Компанијата секогаш ги презема сите неопходни мерки според резултатите од истрагите и препораките.
– Нашата работа на безбедноста е усогласена со националната програма за безбедност. Имаме добри односи и соработуваме со релевантните сектори на Министерството за внатрешни работи на Македонија, наведуваат во соопштејнието од ТАВ.
Агенцијата за цивилно воздухопловство редовно ја проверува работата на безбедносните служби, а повремени проверки вршат и релевантни меѓународни институции како Европската конференција за цивилно воздухопловство.