Грип (Influenca) – Како да се заштитите во периодот што претстои!


Инфлуенцата или често нарекувана грип, е акутна, високо заразна инфекција на респираторниот систем која обично се појавува во доцната есен и зимскиот период.

Се појавува во вид на епидемиски размери и одеднаш зафаќа голем број на луѓе. Иако ги зафаќа сите старосни групи, највисоката инциденца е кај децата во училиштата. Потешки компликации може да се појават кај малите деца, постарите луѓе и имуносупримираните лица, како и кај оние со хронични болести.

Најчестата компликација на инфлуенцата е пневмонијата, која примарно е вирусна, а на која може да се надоврзе секундарна бактериска инфекција.

Грипот исто така може да предизвика миозитис (воспаление на мускулите), егзацербација на хроничната обструктивна белодробна болест, Рејов синдром, миокардитис и перикардитис, трансверзален миелитис (воспаление на миелинските обвивки на периферните нерви) и енцефалитис (воспаление на мозокот).

Симптоми

Најкарактеристичните симптоми се сува кашлица, болки во грлото, слабост, мускулни болки, главоболки, треска, чувство на студенило и воденест нос. Иако пациентот се чувствува доста болно, оваа болест ретко води до посериозни компликации, освен кај оние со зголемен ризик.

Третман

Одмор во кревет (мирување, намалена физичка активност)
Пиење на голема количина на течности (сокови, чај, супи)
Парацетамол за зголемената температура и Ибупрофен за олеснување на мускулните болки. Аспиринот треба да се избегнува кај деца!!!

Кога да се јавите на лекар

Доколку имате температура над 38,5 ˚C и таква се одржува во наредните три дена
Доколку искашлувате жолто-зелен мукус
Доколку после одреден период се чувствувате добро, па следи период на ненадејно влошување на симптомите

Превенција

Избегнување на колективни собири особено во периоди на епидемија, редовно миење на рацете и одржување на лична хигиена и јакнење на имуниот систем.

Имунизација се врши секоја година со вакцини. Секоја година СЗО создава нова вакцина против најчесто циркулирачкиот вирус. Лица кои е препорачливо да се вакцинираат се – мали деца, стари лица и лица со намален имунитет и хронични болести.

Не се препорачува вакцинација за време на епидемија

Андријана Станојовска

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1