Во голема заблуда сме доколку сметаме дека целулитот можеме да го отстраниме само со физичка активност. Интензивната физичка активност, може дури и да ја влоши состојбата на веќе постоечкиот целулит.
Автор M-r Ph Марија Петреска /
Естетскиот идеал на денешната современа жена допринесе пристапот и напорот за решавање на проблемот со целулитот да биде во интензивен развој. Моментално достапните физикални терапии и фармацевтските препарати, доколку се користат заедно, забележително го намалуваат целулитот, со што овој козметички ефект е целосно видлив. Со оглед на вложениот труд при отстранувањето на целулитот, овој процес би требало да биде траен. Оваа борба не е безсмислена, бидејќи доколку целулитот не се лечи на време естетскиот проблем набргу преминува во здравствен.
Во голема заблуда сме доколку сметаме дека целулитот можеме да го отстраниме само со физичка активност. Умерената физичка активност се препорачува во процесот на превенција на формирање на целулит. Интензивната физичка активност, може дури и да ја влоши состојбата на веќе постоечкиот целулит, така што при мускулната активност се користи голема количина на кислород, а кислородот го нема во пределот каде се наоѓа целулитот.
Исто така, зголемувањето на мускулната маса, го потиснува масното ткиво кон површината и целулитот станува повидлив.
Успешен третман на целулитот вклучува физикална терапија која е прилагодена на состојбата на целулитот.
Ќе наведеме неколку видови на терапија кои значително го намалуваат целулитот на најбрз начин.
Терапија со ласер се применува кај сите облици на целулит. Оваа терапија го забрзува клеточниот метаболизам. Го потикнува создавањето на колаген и врзивно ткиво што е од големо значење за лечење на целулитот.
Терапија со ултра звук всушност претставува микровибрации кои механички влијаат на разградувањето на целулитните микронодуларни формации и во комбинација со ласер ефикасно ги намалува наслагите од целулит.
Електротерапијата има за цел да ги стимулира мускулите со наизменични електроимпулси на соодветна фрекфенција со што се забрзува циркулацијата на лимфата, крвта и отровите.
Доколку е потребно може да се направи и затегнување на кожата каде што е отстранет целулитот.
Вакумтерапија се користи при отстранување на целулитот при што се употребува притисок (вакум) кој се создава на третираната површина.
Со оваа терапија се постигнува ендомасажа и дренажа на меѓуклеточните течности со што се забрзува протокот на крв, лимфа и се елиминираат отровите.
Кавитација моментално е најсовремена ултразвучна терапија која за кратко време му дава нова форма на телото и трајно ги уништува масните клетки. Резултатите се видливи веднаш по третманот бидејќи доаѓа до намалување на обемот на третираната област од два до четири сантиметри.
Ултразвучните бранови со прецизно одредена фрекфенција и сила делуваат исклучиво на масните клетки во поткожното ткиво. На овој начин изгубениот целулит не се враќа бидејќи уништените масни келии не се регенерираат.
Мезотерапија е минимално – инвазивна метода која вклучува вбризгување на специјални препарати во кожата. Овие препарати содржат витамини, минерали, ензими, билни состојки, анестетици, плацента и се пакуваат во стерилни ампули.
Од овие ампули се прават различни коктели. Оваа терапија делува така што ја подобрува микроциркулацијата, го зацврстува сврзното ткиво, ја зголемува лимфната дренажа и ги разградува вишокот масти.