Мајка на тригодишно дете во Франција ќе биде судена заради скандалозниот натпис на неговата маица, на која пишувало „Јас сум бомба“, соопштува весникот „Фигаро“. Процесот почнува на 19 декември. Инцидентот со маицата се случил на 25 септември во детската градинка во градот Сорг, кога малиот Џихад, роден пред три години на 11 септември, се појавил со маичката со провокативниот натпис.
На грбот го пишувало датумот на неговото раѓање, што се совпаѓа со атентатите во САД од 2001 година.
Учителките останале потресени и им се пожалиле на оптштинските власти. Градоначалникот на Сорг, исто така, бил информиран, а мајката на детето била повикана да даде објаснување во детската градинка.
Таа раскажала дека поголемиот брат на Џихад е автор на скандалозната порака на маицата и дополнила дека станува збор за провокативна шега.
Општинските власти, меѓутоа, не го прифатиле ова објаснување и се пожалиле во обвинителството во соседниот град Авињон, кое наредило претрес на домот на Џихад.
Мајката на момчето, заедно со еден од неговите чичковци, биле уапсени, а маицата конфискувана. На крајот обвинителството утврдило дека мајката и чичкото треба да бидат судени за поттикнување кон криминал.
Од 2009 година до сега триесетина деца во Франција се крстени Џихад.
Миа