Американската Дирекција за национално разузнавање (ДНИ) го објави својот нов извештај, за можниот развој на светот до 2030 година, во кој се бележи намалувањето на влијанието на Западот во споредба со Азија и се предвидуваат четири сценарија за тоа што не очекува во следните две децении.
– Позицијата на САД во однос на другите големи сили, во 2030 година е дека веројатно ќе остане „прва меѓу еднаквите“. Сепак со брзиот раст на другите држави, ерата на Пакс Американа е готова, се оценува во извештајот.
Според ДНИ состојбата во светот се споредува со крајот на 19 век, кога британската светска економска доминација била нарушена и светот западнал во мулти-поларност, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Во четирите сценарија, кои се разработени во извештајот за светските трендови во 2030 година, веројатното мрачно сценарио наречено „запрени мотори“ предвидува САД и Европската унија да се свртат навнатре, кон своите проблеми, брз распад на евро-зоната, и застој на економскиот раст за сите држави во светот со голем ризик од војни.
Ова сценарио предвидува распад на ЕУ до 2020 година и сведување на Унијата само на зона за делумна слободна трговија. Ова сценарио би довело и до конфликти меѓу Иран и сунитските арапски држави како Саудиска Арабија, епидемии во Индија, Африка и Југоисточна Азија, талибанско преземање на власта во Авганистан и конечно повлекување на САД од светската сцена. Глобализацијата, според ова сценарио, би се свела само на интернетот.
Сценариото ‘„фузија“ е најверојатното позитивно сценарио, во кое САД, Кина и ЕУ се повикани на соработка поради закани од воен судир во јужна Азија и успеваат да најдат инструменти за справување со светските кризи. – Според ова сценарио, како што минува времето, светот добива доверба во Кина, која пак почнува процес на политички реформи и игра засилена улога во меѓународниот систем. Светската економија со удвојува до 2030 година и изнесува 132 трилиони долари, предвидува извештајот.
Третото можно сценарио, наречено „духот излезе од шишето“, предвидува растечки политички и социјални тензии, водени од зголемената нееднаквост во светот. Дел од членките ја напуштаат ЕУ и заедничкиот европски пазар речиси и да не функционира. САД веќе не се „светски полицаец“. Делови на Кина, на нејзиниот брег, се развиваат бргу, но комунистичката партија е поделена и оди кон национализам. Ова сценарио, ДНИ го смета како лошо, но сепак помалку лошо од првото сценарио според економскиот застој и опасноста од воени конфликти.
Четвртото сценарио, „наддржавен свет“ предвидува дека мултинационалните компании, невладините организации, академските институции, богатите поединци и мега-градовите преземаат примат во справувањето со светските проблеми, наместо со нив да се занимаваат државите, како и досега. И демократските, но особено тоталитарните држави имаат потешкотии да се снајдат во овој свет во кој разни актери формираат коалиции по одредени прашања.
ДНИ е тело за контрола на работата на 16-те разни разузнавачки агенции во САД, задолжено за советување на претседателот на САД. Дирекцијата ги објавува извештаите за нејзините предвидувања за светските случувања од 1997 година и тоа по завршувањето на претседателските избори во САД.
Во делот на извештајот посветен на ЕУ, ДНИ предвидува три одделни сценарија за идниот развој на ЕУ – колапс, бавно назадување и ренесанса.
Првото сценарио прогнозира можност за брз и неконтролиран распад на ЕУ, кој би почнал со повлекувањето на Грција од евро-зоната, по што следи повлекувањето од еврото и на низа други држави од југот на Европа.
Според сценариото „бавно назадување“, Европа успева да ја преживее актуелната криза, но нема сили да спроведе реформи кои се потребни за нејзино заживување, институциите одвај функционираат, јавноста е крајно незадоволна, а еврото веќе не е ривал за доларот или за кинескиот јен.
Третото сценарио, „ренесанса“, предвидува обнова на ЕУ, веројатно околу јадро на најразвиените држави, кои потоа успеваат да го довршат проектот на создавање на единствен пазар со другите држави, надвор од јадрото.
На енергетски план, извештајот ја предвидува можноста САД до 2030 година да станат целосно независни од увоз на енергија, благодарение на новата технологија за експлоатација на нафта и природен гас наречена фракирање – кршење на карпите во кои се заробени нафта и гас со пуштање на вода под притисок. Благодарение на оваа технологија, САД, кои сметаа дека имаат резерви на природен гас за следните 30 години, сега прогнозираат 100 години непречено користење на овој ресурс чија цена драматично паѓа.
– Со зголемото производство на нафта од досега недостапните наоѓалишта, САД ќе го подобри трговскиот биланс и ќе го забрза економскиот раст. Светскиот резервен капацитет на производство ќе се искачи над 8 милиони барели, со што ОПЕК ќе ја загуби контролата врз цената на нафтата и цените ќе се струполат надолу, што ќе има крајно негативен ефект врз извозниците на нафта, се прогнозира во извештајот. Сепак, можноста оваа технологија да се развие зависи и да има влијание врз светот во 2030 година е неизвесна.