Две лица, од кои едното со поредена нога, се заглавени во општина Другово во снегот на далечина од 6 километри помеѓу селата Извор и Елкоец. Во општина Дебарца, пак, 24 села се целосно отсечени од интензивните снежни наноси, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Екипи на ДЗС од подрачните одделенија во Кичево и во Другово се излезени на терен за организирање акција за пренесување на лицата што се заглавени од снегот.
На територија на Скопје непроодни се патиштата во општина Сопиште кон селата Дражилово, Патишка река и Јаболце како и селата Малина, Брест и Танушевци во општина Чучер Сандево.
Во Кичево во градското подрачје улиците се чистат со помош на ЈП Комуналец и со работници ангажирани од општината, а во општина Осломеј се преземени активности за расчистување на снегот и приодот до населените места во моментно е добар. Во општина Зајас досега не е почнато расчистување на снегот што падна деенска и пристапот до повисоките селски населби. Пристапот до нив е можен само со теренски возила. Екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектите на електричната мрежа. Се уште не е почнато чистење на снегот и во општина Вранештица, каде вработените не можат да воспостават контакт со градоначалникот.
На територија на општина Крушево непрооден е патниот правец кон селото Сладуевци, кој се чисти со една машина, а пробиен е патот Крушево – Прилеп. Снежните наноси во кривопаланечко го отсекоа планинското село Дренок, а во Кратово е отсечен патниот правец од село Луково кон село Каврак. Таму екипи на локалната самоуправа се ангажирани за расчистување на снегот. На територија на општина Пробиштип сообраќајот на патните правци е отежнат, но без застој, а екипите што се ангажирани на терен се справуваат со настанатата состојба.
Во Демир Хисар и во Ресен патните правци се чистат со помош на екипи на ЈП „Македонија пат“, а во Центар Жупа кај селото Мелничани е ангажирана градежна механизација од општината. Не е прооден патниот правец Брошница кон Горна Жупа. Состојбата е отежната и во Дебар, каде се работи на расчистување на патиштата Дебар-Маврово и Дебар-Струга.
На територија на општина Битола сите патни правци се чистат и нема застои во движење на граѓаните, а во Струга патните правци се проодни за лесни товарни возила.
Според Дирекцијата за заштита и спасување, во останатите градови низ државата состојбата е задоволителна и нема потешкотии во движењето и функционирањето на граѓаните