Тим од руски авантуристи изведил потфат еднаков на акциите на Том Круз од „Невозможна мисија“, и успеале да ги измамат сите безбедносни системи и се искачиле на врвот од недовршената зграда во центарот на Москва која наскоро ќе биде највисоката градба во Европа со 370 метри висина.
Младиот планинар Витаљ Расколов собрал тим од четири члена и направил план за освојување „Меркјури сити кулата“, чија изградба е во последна фаза и која кога ќе биде довршена ќе биде највисоката зграда во Европа.
Зградата во оваа фаза од изградбата е обезбедена со сложен систем од камери за видео надзор, детектори, чувари, како и голем број работници кои се подготвени, според зборовите на Расколов, не само да го вклучат алармот, туку и гадно да ве претепаат.
Расколов и неговиот тим морале да осмислат како да ги совладаат сите физички препреки и да се искачат на врвот од оваа зграда. Отежнувачките околности се и лошите временски услови, снег, ветер и исклучиво ниските температури.
– Не постои легален начин обични луѓе да се искачат горе на врвот, изјавил Расколов, кој со својот тим со недели смислувал план како да ги исмамат камерите и чуварите.
Екипата влегла во зградата преполна со градежни работници. Се искачиле на стрмните скали, а потоа чекале да дојде смената за да стигнат до кранот кој се наоѓал на врвот.
На располагање имале малку време, а двајца од вкупно петмината урбани планинари останале на половина пат.
Останатите тројца, на чело со Расколов, го извеле овој опасен потфат и се искачиле на замрзнатиот кран, а својата мисија ја документирале со мини камера.
Како знак дека успеале, на кранот оставиле неколку налепници во облик на гром, а потоа се спуштиле на земја.
















