Македонците во Албанија не ги признаваaт официјалните податоци од пописот на населението спроведен во октомври 2011 во Албанија и бараат нов попис под меѓународен мониторинг.
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција и градоначалник на општина Пустец, Едомонд Темелко денеска во Корча пред новинари на повеќе медиуми ја прочита Декларацијата потпишана од МАЕИ, Заедницата на Македонците во Албанија со седиште во Тирана, Македонското здружение “Гора” од областа Гора, Македонското здружение „Мост” од областа Голо Брдо, како и македонското здружение „Друштво Преспа” од Мала Преспа.
– Начинот на кој се одржа Пописот во октомври минатата година и прибирањето на податоците за етничката припадност, е спроведен со бројни прекршувања во текот на процесот. Државната пописна комисија не прифати ниту едно брање на малцинствата, како што е малциствата да имаат имаат попишувачи и членови во комисиите, како и една копија од формуларот да остане кај лицето што се попишува. Во текот на процесот на Пописот, попишувачите сами ги пополнуваа податоците во формуларите, формуларите се пополнуваа со молив со образложение дека ако згрешат, дома ќе ги поправат грешките.Со овој попис се прекршија правата на малцинствата што се гарантирани со Уставот на Република Албанија, меѓународните акти и законите што се на сила. Овој Попис не беше во согласност со европските стандарди, и не ја отсликува реалната етничката структура на населението во Албанија, се наведува во Декларацијата
Измените во Законот за попис и вклучувањето на казната, како што стои во Декларацијата, било осудено и од Советот на Европа во третиот извештај за Албанија околу спроведувањето на Рамовната конвценција за заштита на правата на малцинствата, во кој се наведува дека промените во Законот за попис се во спротивност со Рамковната Конвенција.
– Затоа, ние, Македонците, бараме спроведување нов Попис врз основа на меѓународните стандарди и под меѓународен мониторинг, затоа што само така може да се гарантира чесен и транспарентен процес каде ќе произлезе реалната етничка структура на Албанија, стои во Декларацијата.
Претходно Македонците заедно со Грците, Ромите, Власите, Србите и Црногорците потпишаа заедничка Декларација за непризнавање на пописните резултати, која ја доставија до албанските државни инситутции како и меѓународните претставници