Излезе од печат последниот печатен број на американското неделно списание „Њусвик“.
На првата страница е ставена црно-бела слика на зградата во која се наоѓа њујоршката редакција на списанието.
Следните броеви на „Њусвик“ ќе се дистрибуираат единствено во електронска форма, како што беше соопштено уште во јули годинава.
Списанието е основано во 1933 година од поранешниот уредник на списанието „Тајм“ Томас Мартин.
Во август 2010 година списанието беше купено од милијардерот Сидни Харман од корпорацијата „Вашингтон пост“ за еден долар. Истовремено со тоа Харман ги презеде и обврските, кои во моментот на купувањето изнесуваа над 70 милиони долари.
Во ноември истата година „Њусвик“ се обедини со Интернет изданието „Дејли бист“. Главен уредник на обединетата редакција стана Тина Браун од „Дејли бист“, која пред тоа била главен уредник на списанијата „Венити фер“ и „Њујоркер“.
Според Тина Браун, преминувањето кон електронски формат е „ново поглавје“ во историјата на списанието. Според неа примерот на „Њусвик“ наскоро ќе биде следен и од конкуренцијата.
Меѓународните верзии на неделникот излегуваат на седум јазици, а меѓу нив и на арапски, шпански и корејски.