Поради нарушениот квалитет на амбиентниот воздух како резултат на надминувањето на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (РМ10) што е резултат на загадувањето на воздухот, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски донесе мерки од прв степен.
Според предупредувањата и препораките од градоначалникот граѓаните треба да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања.
Исто така се препорачува на одделни категории на населението (малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на улица, како и да не се проветруваат просториите во кои престојуваат.
Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови.
Граѓаните и правните лица се предупредуваат да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со кои што се загадува воздухот во просториите.
Градоначаникот апелира до сите граѓани да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и да ги користат средствата за јавен превоз.
Исто така се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали),
За раководителите на градилиштата има препорака пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада,
Исто така јавно се известуваат правните лица кои поседуваат дозволи за дотур на роба издадени од Секторот за сообраќај на Град Скопје дека истите се менуваат и имаат важност во периодот после 18:00 во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко),
До стопанствениците се апелира своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Дражавниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме.
Градот Скопје продолжува во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а за секоја настаната промена на состојбата редовно ќе ја известува јавноста.
Извор – Сител