Сведоците во судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро во Скопје денеска во Кривичниот суд изјавија дека на денот на убиството кога заминувале кон дома биле пресретнати од вооружено лице, кое им се заканило и им рекол да бегаат, пишува Нет прес.
Ахмет Бекир, кој заедно со уште три лица бил на риболов на 12-ти април лани на Смиљковското езеро, денеска во судот раскажа дека на денот на масакрот ги видел четирите момчиња кои од него побарале леб за рибите.
“Кога веќе се стемнуваше тргнавме накај дома. Одевме по земјениот пат кога зад кривината се појави еден човек облечен во црно, со панцир и со пушка во рацете. Не праша како се викаме, а потоа ни рече да бегаме или ќе не убие“, се потсети Бекир на она што се случувало кобниот ден на езерото.
Бекир тврди дека не може да се сети на ликот на лицето кое се заканувало бидејќи поради темнината не го видел јасно.
На езерото тој ден бил и Кемал Несим, кој пред судот раскажа дека додека бегале кон дома, исплашен од заканите на вооружениот, слушнале пукање кое доаѓале од правец на Смиљковското езеро. Несими не можеше да прецизира дали истрелите биле рафални или пак поединечни.
Вториот сведок на денешното рочиште тврдеше дека зад оној што им се заканувал видел уште неколку лица облечени во црна облека. Рибарот тврди дека пред заминување од езерото забележал и автомобил со темна боја паркиран на втората плажа со вклучени светла насочени кон езерото.
Сведочењата на Несим и Бекир, за одбраната се контрадикторни и спротивни на оние дадени пред истражниот судија.
Насер Рауфи, адвокат на дел од обвинетите за тероризам во случајот “Монструм“, вели дека очекувал вакви изјави, но за одбраната најважно е тоа што сведоците не посочиле ниту еден од обвинетите кои денеска седат на обвинителната клупа како лицата кои ги виделе вечерта кога беше извршено убиството.
Во продолжението на денешното судење во скопска единица треба да сведочи Бајрам Мемедов, а четвртиот сведок Денис Несим поради патување во Германија нема да даде изјава пред судот.
Netpress