Што ќе се случува во Охрид на Водици


Охридските нуркачи го расчистија дното на езерото на потегот каде ќе се фрла Светиот крст со цел спречување на евентуални повреди на капачите, а екипи на „Охридски комуналец“ го светнаа градот за очекуваните гости од внатрешноста и од странство.

ohrid-vodiciИ оваа година за празниците интензивно вклучени во манифестацијата е и Општинската организација на Црвениот крст, со шест медицински екипи, осум тимови спасители на вода и нуркачи на терен.

Веќе традицонално за време на главната манифестација ќе се реализира и крводарителската акција. Волонтери на Црвениот крст ќе се грижат и за сите хендикепирани и лица со посебни потреби кои ќе сакаат да бидат дел од големата верска манифестација.

Централната свеченост во прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител ќе почне  со свечени литургии и богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Потоа, големата црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, во чии рамки во 10:30 часот ќе бидат осветени водите на езерото и фрлен крстот.

vodici

Крстот од бродот „Александрија 2“ во езерските води ќе го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј, а се очекува бројот верници што ќе влезат во осветените води на Охридското Езеро да надмине илјада.

За празникот по третпат Црквата ќе организира групно крштевање во водите на Охридското Езеро. Празнувањето продолжува и в недела, со традиционалното капење на рибарите во езерото, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест.

За Денот на рибарите е предвидена богата културно-забавна програма, со греано вино, топла ракија, пржени плашици и три буриња вино за највештите пливачи кои ќе влезат во езерото. Со 3,3 тона рибна чорба, приготвена од 750 килограми риба, Охрид ќе се обиде да се впише во Гинисовата книга на рекорди.
Во Охрид се повеќе се збогатуваат содржините поврзани со Богоајвленските празници, се преземаат најразлични активности во насока на уште поголемо омасовување на верско-народниот собор и негово претворање во најмасовна верска манифестација во православниот свет

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1