Два бели грчки липицанера вредни околу 18.000 евра ќе го влечат пајтонот на плоштад „Македонија“. Фирмата „Технометал“ веќе ги пазарила коњите и се очекува за десетина дена тие да стасаат во Скопје. Од ЈП „Паркови и зеленило“, кое го реализира проектот за кочијата, информираат дека коњите се набавени од приватна одгледувачница за коњи од Солун, пишува Утрински Весник.
Липицанерите се бели, високи 174 сантиметри што е натпросечна висина, стари се седум години, кастрирани и се повеќегодишни балкански прваци во својата раса. Надлежните допрва ќе им дадат име, а како ги нарекувале досега во Солун, велат дека не знаат.
Откако ќе бидат донесени, коњите ќе бидат 30 дена во карантин во една приватна коњушница. Имајќи ги предвид роковите за достава на кочијата, веројатно најдоцна до 15 март проектот ќе го промовираме како готов и пајтонот ќе биде ставен на услуга на граѓаните. Првите десетина дена со него ќе управува кочијаш Унгарец, кој на бесплатна услуга ќе ни го отстапи доскорешниот сопственик на коњите“, вели за Утрински Весник Душан Авировиќ, директор на „Паркови и зеленило“.
Utrinski Vesnik