Иако денес не се обрнува многу внимание на ова, факт е дека во минатото македонскиот тутун бил високоценет и сметан за еден од најквалитетните во светот. Меѓу многуте докази за тоа е и напис од 13 октомври 1909 година, објавен во американскиот весник „Кулумбус Џурнал“, како и во уште неколку други весници.
„Кажано е од страна на еден патник дека најдобриот тутун за цигари во светот доаѓа од Македонија, дека најдобриот тутун (кога воопшто се работи за тутунот) во европските цигари доаѓа од Македонија, и дека кога не доаѓа од Македонија лажат дека доаѓаат од таму“, пишува во написот
Освен за европските цигари, македонскиот тутун се користел и преку Атлантикот, во САД. На реклама за американските цигари „Спар“ од 1921 година пишува дека содржеле и македонски тутун за арома.
Според ова не е чудно што и софистицираниот таен агент Џејмс Бонд, како и неговиот креатор Иан Флеминг, пушеле специјално направени цигари со македонска смеса на тутун, произведени во лондонската продавница „Морландс“.
За светската популарност на македонскиот тутун и за неговиот врвен квалитет, мошне сликовите говори една реклама за цигарите „Абдулас“.
„Александар Велики од Македонија плачеше… така оди приказната, бидејќи на возраст од триесет и две немало повеќе светови за освојување. Во негови дни Македонија сè уште не го произведувала амбасадорот кој што сега редовно ги посетува световите за кои што Александар не знаел дека постојат. Амбасадорот за кој што станува збор е македонскиот тутун, најфиниот и најделикатниот во светот“, пишува на оваа реклама од 1939 година.
Цигарите „Абдулас“, според рекламата, се извезувале во деведесет и четири земји и биле произведувани од прва класа на македонски и турски тутун.
Германската компанија за цигари „Ланде“ од Дрезден, како што пишува на пакувањата на повеќе нивни брендови, исто така произведувала висококвалитетни цигари од „вистински турски и македонски тутун“.
1. Изглед на кутијата на брендот на цигари „Ланде Фир“:
2. Реклама за цигарите „Ланде Фир“ од 1935 година:
За време на Втората светска војна оваа фабрика била разрушена, а по крајот на војната, во 1946 година повторно почнала со производството на цигари.
Традицијата на одгледување тутун во Македонија е задржана и до ден денес. Извозот на ориенталниот тутун од Република Македонија изнесува 3,2 отсто од бруто домашниот производ на државата со што тој продолжува да биде вистински македонски амбасадор во светот.
Александар Стеванов