На опозициските пратеници кои ја бојкотираат работата на Собранието вчера им беше исплатена платата, но за две третини пониска од вообичаената. Ако досега платата на пратениците се движеше од 55 до 65 илјади денари, по одлуката на Собранието 42 парламентарци вчера зедоа околу 20 илјади денари. Одлуката за намалување на платите, на пратениците што бојкотираат, Собранието ја донесе откако СДСМ и коалициските партнери јавно соопштија дека по инцидентите на 24 декември минатата година, не се враќаат во парламентот.
Намалената плата прв јавно ја прокоментира пратеникот од СДСМ и потпретседател на Собранието Јани Макрадули, кој на својот профил на „Фејсбук“ напиша:
„Прв пат од 2001 година добивам плата на 1 во месецот. Секако намалена, и пред Трајко и пратениците да почнат да се ситат, да им порачам: џабе ви е диктатори, на мојата ќерка ништо нема да и’ недостасува во животот“, искоментира Макрадули.
Сепак, со јануарската плата пратениците и од власта и од опозицијата кои не живеат во Скопје и кои за секоја седница патуваат, им беше исплатен заостанат долг за патните трошоци, што Собранието им го должеше од минатата година.
„Со оваа плата беше исплатен долгот за патни трошоци за два месеца од минатата година. Овој долг постапно ќе биде исплаќан, а динамиката зависи од Министерството за финансии“, велат од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Утрински весник