Кандидатот за претседател на Парагвај Лино Сезар Овиедо загина денеска при пад на хеликоптер, на враќање од еден политички митинг, соопштија локалните власти.
Овиедо во саботата вечер се враќал од политички митинг на северот на Парагвај, а во хеликоптерот биле неговиот телохранител и пилот. Сите тројца загинале при падот што се случил кога хеликоптерот наишол на невреме, изјави портпаролот на парагвајските аеродромски власти Џони Вијалба.
– Експертите од Центарот за истрага и превенција на авионски несреќи ги истражуваат причините за падот и други детали, рече тој.
Овиедо (69) беше кандидат на Националната унија на етички граѓани, трета по големина опозициска партија на претседателските избори што ќе се одржат во април.