Црни мантии, долги бради и уверливи приказни, се маската на поповите измамници кои тропаат на вратите на граѓаните и им бараат пари, за еден ден Господ да им помогне.
Денешниот број на весникот „Фокус” објавува приказна на скопјанец кој бил измамен од лажен поп. Пред четири дена, на вратата на 80-годишниот старец во главниот град затропал маж облечен во црна мантија, кој му кажал дека е добитник на икона и побарал пари за неа. Иконата која ја добил скопјанецот била малечка, пластифицирана и со ликот на Богородица. Од задната страна имало молитва за возачи и патници.
-На вратата ми се појави „свештеник“ облечен во црна мантија и ми рече „Вие ја добивте Богородица, колку милувате да дадете“. Јас гледам човек на врата и таков како што беше облечен изгледаше на свештеник, а дали е или не е, не знам – рекол скопјанецот за „Фокус“, додавајќи дека на „свештеникот” му дал пари колку што во моментот имал во џебот.
Тој за весникот објаснил дека сфатил оти е измама дури кога го видел попот како ги посетува и неговите соседи. Скопјанецот е само еден од многуте измамени граѓани кои на лажните попови им дале по некој денар за иконите.
Еден од овие „попови”, не знаејќи на чија врата тропа, побарал пари за икона од отец Сашко Николовски, од Соборниот храм.
-Запознани сме со ваквите лажговци, кои одат од врата на врата и ги лажат граѓаните дека со парите што ќе ги дадат донираат за црквата. Јас како свештеник се најдов во иста ситуација – рекол отецот за „Фокус”.
На неговиот праг се појавил човек со долга брада и облечен во црна мантија, се претставил како поп од црквата „Света Петка” и му побарал пари. Отецот вели дека знае уште еден измамник кој се претставува како поп од „Свети Климент Охридски”.
-Кога му кажав кој сум и го прашав кој го праќа, почна да ме лаже и да измислува некои имиња – раскажал отецот.
Тој апелира до граѓаните, да внимаваат, да не им веруваат на овие „свештеници” кои им тропаат на врата и да не им даваат пари.