Американскиот Конгрес со почетокот на новото заседание, повторно ќе расправа за предлог законот со кој ќе се олесни процедурата за воспоставување на безвизен режим за патување со странски држави. Програмата за визно олеснување, која главно се однесува на европските држави и на сојузниците на САД, им овозможува на странските државјани да патуваат во САД до 90 дена, туристички или за деловни цели, без да мораат претходно да аплицираат за американска виза.
Предлог-законот досега повеќе пати бил поднесуван од страна на неколку конгресмени и сенатори кои се посветени на неговото усвојување и добива силна поддршка во Конгресот, но не може да ја помине целта, понекогаш поради неговото поврзување со други законски решенија.
Законот беше поднесен и минатата година, при што имаше силна поддршка, но до истекот на годината не беше усвоен со што процедурата мора да почне одново. Сенаторите Барбара Микулски од Мериленд и Марк Кирк од Илиноис и конгресмените Мајк Квигли и Арон Шок одново го поднесоа предлогот на почетокот на февруари.
Европските држави кои се изоставени од визното олеснување, во прв ред Полска, но и држави како Бразил, силно лобираат кај конгресмените кои имаат значителни гласачки тела од овие држави, за усвојувањето на законот.
– Модернизирањето на програмата а висно олеснување ќе ја засили нашата национална безбедност, ќе обезбеди туристички приходи и ќе ги засили нашите односи со важни сојузници како што е Полска, која беше исклучена од досегашната програма за визно олеснување поради нејзината застарена структура, изјави конгресменот Квигли при поднесувањето на предлог законот.
Македонија во моментот не е земја кандидат за визното олеснување, но будно го следи развојот на настаните по ова прашање. Еден од најважните услови е процентот на одбиени барања за виза да не биде повисок од 3 проценти.
Во случајот на Македонија, процентот на одбиени барања за визи е околу 20 проценти.
Предлог законот кој е поднесен во Сенатот и Конгресот предвидува, доколку една држава има низок процент на граѓани кои останале во САД подолго отколку што предвидувала нивната виза, под 3 проценти, Секретаријатот за одбрана на татковината да може да дозволи вклучување на оваа држава во рпограмата за безвизно патување дури и ако процентот на одбиени барања за визи е повисок.
Според предлог законот, ова би важело за држави каде процентот на одбиени барања за виза е до 10 проценти.
Програмата денес го опфаќа најголемиот дел од европските држави – членки во Европската Унија или во НАТО, кои се оценети како економски развиени и безбедни. Грција е последната земја која издејствува безвизно патување во САД во 2010 година.
Од Европа, како кандидати, на визното олеснување се уште чекаат Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Кипар и Турција. Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван исто така се вклучени во програмата, додека Израел, Бразил, Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај се меѓу земјите-кандидати, а за Канада функционира специјален безвизен режим.
Изборот на државите ги прави Секретаријатот за одбрана на татковината, во консултација со Стејт департментот.
Ставањето на листата за безвизно патување во САД е и еден од инструментите на американската надворешна политика.
САД бараат и дополнителни гаранции од земјата за соработка во борбата против тероризмот, модерни пасоши и го задржуваат правото да исклучат земја од програмата за визно олеснување, што и им се случи на Аргентина и на Уругвај во 2002 и 2003 година.
Но, условите за склучување на договори честопати се и политички мотивирани, и од САД и од земјите кои бараат вакво олеснување.
Администрацијата на Џорџ В. Буш договорите за безвизно патување ги сметаше како награда за државите од средна Европа кои учествуваат во мисиите во Ирак и Авганистан. Поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани барала поместување на потпишувањето на договорот за визно олеснување пред изборите во 2009 година, за да го искористи како успех во кампањата против ПАСОК.