Мери Бест имала 17 години кога во Индија заболела од колера. Откако лекарот ја прогласил за мртва, била закопана на гробиштата во Калкута. Но, десет години подоцна, кога гробницата била отворена за во неа да се закопа нејзиниот починат вујко, гробарите биле сведоци на шокантна глетка, пишува “Дејли Меил”
Мери била закопана во 1871 година, во време кога жртвите од колера биле закопувани брзо по прогласувањето на смртта за да се спречи ширењето на болеста.Откако бил отворен нејзиниот гроб, имало што да се види.
Капакот од ковчегот бил пронајден подотворен, а костурот на девојката бил дел во ковчегот, а дел надвор од него. Дел од нејзиниот череп бил оштетен. Прстите на десната рака и биле свиткани како да држи нешто, па се претпоставува дека се обидувала самата да се задави. Облеката и била искината. Веројатно се разбудила по закопувањето и со рацете се обидувала да го тргне капакот се додека не го отворила. Мери не била мртва кога била закопана.
Многу често се случува жртвите од колера да паднат во кома, што најверојатно и се случило и на Мери. Поради тоа таа се разбудила од кома неколку часа или дена подоцна, не знаејќи каде се наоѓа. Тешко е воопшто да се замисли низ што минувала додека навистина не починала.
Се претпоставува дека кога успеала да го отвори капакот и кога сфатила каде се наоѓа, ја обземал ужас. Веројатно од страв започнала да ја кине облеката од себе, се обидела да се задави, а потоа од напор тешко ја удрила главата и починала.
Иако овој случај од денешна перспектива изгледа застрашувачки, таквите случаи не биле ретки во викторијанското доба. Во тоа време на медицината тешко можело да и се верува кога станувало збор за утврдување смрт со сигурност.
Некои луѓе се плашеле од погрешната констатација на лекарите, па барале, откако ќе бидат прогласени за мртви да им се пресече грлото за да избегнат секаква можност да се разбудат.
Во книга објавена во 1905 година, двајца лекари и еден новинар претставија случаи на живо закопани луѓе, собрани од весници насекаде низ светот. Можеби најлоши се оние каде жртвата била многу близу до спасување.
Во 1887 година, во Франција едно момче било закопано, кога гробарите чуле тропање под капакот. Плашејќи се да не направат паника меѓу ожалостените, продолжиле со погребот. Но кога врз ковчегот фрлале земја, сите присутни слушнале тропање. Наместо да го отворат капакот, тие го чекале градоначалникот да дојде. До неговото доаѓање момчето веќе починало од гушење.
Постоеле и такви кои со сите сили се обидувале да го спречат погребот, затоа што верувале дека личноста не е мртва. Тие биле обвинувани за полудени од тага, и дека не можат да ја прифатат смртта.
Во книгата има многу примери, на живо закопани. Од трудница која се породила во ковчегот, па се до кучиња кои ги откопуваат нивните сопственици затоа што ги чуле како викаат од долу.
Сепак се покажало дека спасувањето на овие луѓе не е секогаш најдобро решение. Имено, спасените доживеале таква траума, што веќе никогаш психички не се оправиле.