Со векови старата ткаенина, една од најважните христијански реликвии, содржи отпечаток од лице на личноста која го преживеала распетието.
-Не постои портрет на Исус Христос, па ова е најверодостојниот доказ кој го имаме- тврди Рас Бролт, претседател на организацијата која се бави со истрага и промоција на прекривката, со цел да запознае што е можно поголем број луѓе со оваа оставина.
Ткаенината последен пат беше изложена пред јавноста во 2010 година, а гледачите преку директен телевизиски пренос можеле да го видат во далечната 1973 година.
Торинското платно е долго речиси пет метри, а на него јасно се гледаат контури на човек со долга коса и брада, но и крвави дамки на местата каде што му се наоѓале рацете и стапалата, што е во согласност со раните кои Христос ги добил кога бил распнат на крст.
Стручњаците дошле до заклучок дека платното потекнува од времето помеѓу 300 година пред новата ера и 400 година од новата ера, што значи дека е можно Христос навистина во тоа платно да бил ставен во гроб, пишува Дејли мејл.
Ова платно веќе со години е тема на бројни расправи во научните заедници, а оваа последна студија е спроведена со два хемиски и еден механички тест. Резултатите од тие тестови покажале дека составот на платното е соодветен со оние кои се користеле за погребување на мртвите во времето во кое живеел Христос.
Најавено е дека целиот резултат од ова испитување ќе биде прикажан на телевизија. Инаку, јавноста нема да има пристап до платното во наредните 12 години.