Мумијата од Липково треба да биде една од атракциите во новиот Археолошки музеј на Македонија, но неизвесно е дали ќе биде конзервирана до отворањето на институцијата, закажано за крајот на годинава. Во тек се преговорите со лабораторијата на Археолошкиот музеј во Минхен, чии експерти би можеле да го заштитат телото од 5 и 4 век пред новата ера, природно мумифицирано во глинената земја во липковскиот крај. Мумијата е откриена во 1957 година, а неколку децении е во стаклен ковчег во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје.
Транспортот на мумијата во Минхен е сложен. Треба да се влезе на листа на чекање, оти малку луѓе се занимаваат со конзервација на мумии во Европа. Лабораторијата во Минхен има пополнета програма за наредните пет години, а ние сме врзани со рок за да се заврши работата.
Мумијата е тело на постар маж, кое природно се сочувало во глинената земја, богата со минерали. Пред 56 години во липковскиот крај биле откриени неколку тела. Едно останало во земјата, а другите биле дадени на експертиза во Србија. Оттогаш никој не ги видел. Археологот Иван Микулчиќ ги датирал мумиите во 5 и 4 век пред новата ера.
Екипа на „Дневник“ пред неколку години го посети Институтот за судска медицина и криминалистика и ја фотографира мумијата. Положена е на обична подлога, под стакло, покрај влезот во една од предавалните на Институтот. Вработените уште тогаш коментираа дека кај нив нема место за мумијата и немаат услови да ја чуваат.
Kако поминува времето, нејзината состојба се влошува. Долната вилица е сосема откачена од черепот. На исушената кожа има портокалови дамки. Според експертите од Институтот, тоа е габична инфекција. Тие сметаат дека бил постар човек зашто забите на долната вилица се истрошени. Според нив, колку повеќе време поминало од моментот на смртта толку потешко се одредува кога живеел човекот.
Povekje na – Dnevnik