Иако од завршувањето на локалните избори поминаа точно два месеци, Општина Струга и натаму е заглавена во изборот за претседател на Советот. Доколку и следните четири недели не дојде до договор меѓу 27 советници и нивните партии, ќе мора да се организираат нови избори на кои ќе се гласа за претставници на граѓаните во општината, но не и за градоначалник. Во Советот засега се калкулира, се водат преговори за поделба на раководните функции во градот, ама договор не се наѕира Пишува утрински весник.
На 24 март, стружани одлучија заедничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ да има 11 советници. ДУИ (во коалиција со ПЕИ) и ДПА имаат по седум, а НДП двајца советници. Блокот македонски партии инсистира претседателот на Советот да биде од нивните редови, имајќи предвид оти нивната заедничка листа победи на изборите. Оттаму велат дека е нормално петнаесетте илјади гласа што ги добија на изборите да им гарантираат претседателско место во Советот, како и уште неколку директорски места во јавниот сектор.
„Логично е во етнички македонските села, директорите на училиштата да останат Македонци. И во ОУ „Јосип Броз-Тито“ во Струга, каде што речиси нема Албанци, логично е директор да биде Македонец. Во двете средни училишта досега директорките фотелји беа поделени. Стручното училиште го раководеше Македонец, а гимназијата – Албанец. Комуналното претпријатие беше раководено од Македонец, но по смената на локалната власт, тој е сменет и назначен е привремен директор – Албанец“, тврдат од коалицијата „Стружани за Струга“.
Градоначалникот Зијадин Села бара од членовите на Општинскиот совет да ги претставуваат интересите на сите граѓани.
„Ако советниците и политичките партии се подготвени за преговори, јас сум спремен за тоа. Уште на денот кога бев избран за градоначалник кажав дека сум градоначалник на сите граѓани и мислам дека таков пристап треба да имаат и советниците. Не можат да се поделат граѓаните по етничка линија, туку тие се советници на сите граѓани“, изјави Села.