Деновиве ќе се знае дали „Мекдоналдс“ ќе остане во Македонија. „Утрински весник“ повикувајќи се нанеофицијални информации пишува дека во последниот период течат интензивни преговори меѓу акционерите во домашната фирма „СЈ компани“, која до пред еден месец ја имаше франшизата на светскиот бренд, и „Мекдоналдс“.
Од преговорите ќе зависи одлуката дали ќе има ресторани во Македонија кои понатаму ќе работат под името на овој бренд.
Весникот пишува дека додека нема официјална потврда каков е исходот од преговорите меѓу сопственикот на 51 отсто од акциите Светозар Јаневски од М6 и малцинскиот акционер Зоран Матлиевски, во јавноста се зборува и за втората опција.
Доколку не дојде до договор и „Мекдоналдс“ се повлече од домашниот пазар, во тој случај рестораните наскоро би можеле да проработат и под друг бренд, за кој засега не се зборува. Последната варијанта, која е и најмалку веројатна, е дека тие ќе останат затворени.
Седумте локали во Скопје, Тетово и Охрид беа неочекувано затворени на 14 мај. Над 200 вработени останаа дома без прецизна најава дали и кога ќе се вратат на работа.